Историја
Куманово е град во Република Македонија, град во кој се остварени најспектакуларните навивачки остварувања во оваа земја. “Феноменот на трибините“ во Спортската сала и на градскиот стадион во Куманово кој најчесто натпреварите ги претвора во вистински “празник за очите“ и “мевлем за душата“ особено ако на тоа се надоврже и победа на домашната екипа е својствено само за овој град и организираната навивачка група “КУМАНИ“, која е нераскинлив дел од декорот на “Кумановскиот храм на спортовите“ и “Градскиот стадион“. Нивните спектакуларни бодрења како да наликуваат и потекнуваат од италијанското или пак бразилското поднебје.
Зачетоците на некаков вид организирано навивање во Куманово би можело да се каже дека започнуваат во почетокот на седумдесетите години, нормално не од ваков карактер како денес. Во тој период секоја втора недела од Куманово кон градовите каде што гостувале нашите фудбалери се упатувале непрегледни колони од автобуси и автомобили со навивачи кои го бодреле клубот и чие срце чукало само за едно име.
За Куманово, додека пак трибините на стадионот во Куманово биле претесни да ги примат сите оние кои сакале да присуствуваат на наптреварите. Почетокот на осумдесетите ги одбележуваат успесите на кошаркарите на “Искра – Куманово“ во претесната сала “Соколана“, што придонесува за формирање на едно компактно навивачко јадро, кое подоцна се трансформира во најдобрата “Мак-Тифо“ навивачка група. Во тоа време интересот за кошарката ги надминува границите на очекуваното. Кошаркарите на “Искра-Куманово“ се најдобри во втората лига и како шампиони се стекнуваат со право следената сезона да учествуваат во првата лига на тогашната Југославија. Сепак, нашите момчиња мораа да апстинираат поради парадоксалниот проблем, односно немање на спортска сала што би одговарала на ригорозните прописи на Кошаркарскиот Сојуз на Југославија, поради што како второпласиран тим во лигата влегува К.К.Работнички.
Револтираните навивачи организираат вистински улични демонстрации во кои им се продружуваат и “обични“ жители на Куманово, по што градското раководство се нафаќа да ја реализира дамнешната, очекувана и овој пат изнудена идеја, ја да ја изгради најубавата спортска сала во Македонија, вистинска арена за спортистите. По изградувањето на овој велелепен спортски објект, навивачката група ја запоседнува западната трибина од каде непрекинато и жестоко скандирање, проследено со песна и слогани, ги носат домашните играчи на секој натпревар. Од тој период ке останат засекогаш запаметени првите нереди, демолирање на автобусот на кошаркарите на “МЗТ-Скопје“ и комплетното уништување на автомобилите на судскиот пар од Приштина по натпреварот Искра Куманово – Слобода Дида од Тузла. Со овој натпревар е сврзан уште еден интересен момент. Имено тогаш еден од најдобрите Југословенски судии Зоран Грбавац, кој како гледач присуствува во спортската сала, во Белградскиот “Спорт“ изјавува: “Сум бил на многу кошаркарски средби низ цела Европа, но таков амбиент како во Куманово сум имал можност ретко да сретнам.“ Според статистичките податоци на спортските аналитичари “К.К.Искра – Куманово“ во тоа време по просечна посетеност на гледачи се наоѓа на високото четврто место во поранешната Југославија, веднаш зад кошаркарските великани Ц.Звезда, Задар и Партизан.
Кон крајот на осумдесетите годидни, под влијание на големата експанзија на навивачкото движење во бивша СФРЈ, се појавуваат и првите полаги групи ( “Ultras” ; “Eagles” ; “Front” ; “Sokolanci”… ). Во 1989год. Овие групи се обединуваат и се нарекуваат со единствено име “Delta Force”. Оваа име не се задржува многу, бидејќи на 18.02.1990год. со историска одлука навивачите од Куманово се нарекуваат “КУМАНИ“ ( според името на племето кое некогаш живеело на просторот на денешно Куманово ), а за единствен водач е избран Димитриевски Ивица. Со новото име, име кое претставува синоним за навивачката приврзаност кон својот клуб, започнува нова ера во навивачкото движење, нешто ново и до тогаш невидено на севкупната македонска навивачка сцена.
Во тоа време за македонските услови се прави колосалниот и најубавиот транспарент “КУМАНИ – ЗАПАД“ кој и денес претставува носечки, ударен и препознатлив симбол на кумановските навивачи. Се палат првите факели во историјата на македонското навивање, што подоцна го следат и останатите навивачки групи во земјата, се изработува најголемото навивачко знаме во Македонија, кое прекрива цела една трибина, се прават големи барјаци, се купуваат петнаесетина тапани и фудбалскиот и ракометниот клуб се следат на скоро секое гостување. “Кумани“ , први меѓу навивачите се регистрираат како здружение на граѓани со своја жиро сметка, печат, добиваат канцеларија... Во следниот период се случуваат ред инциденти, нереди, прекинати натпревари, што кулминира на госувањето во Св.Николе, на фудбалскиот натпревар Овче Поле – Куманово, по што се уапсени повеќе од 30 навивачи. СОФК на град Куманово забранува организирано присуство на членовите на “КУМАНИ“ на било кој натпревар во градот.
Сето ова негативно се одразува на дел од навивачите, меѓутоа не успева да ги разбие “КУМАНИ“, кои остануваат верни на својата “западна трибина“ и успешно го продолжуваат своето опстојување. Беше сочуван костурот на групата проширен со нови, помлади членови кои континуирано ги пополнуваат редовите. Периодот кој следува потоа е само континуитет во развојот на групата. Станува збор на таков амбиент, ретко виден дури и во познатите и рекомирани европски центри. Во долго и незаборавено сеќавање ке остане декорот на трибините, оплеменет со пиротехника, 7400 свеќи во рацете на навивачите, десетици прекрасни кореографии, клубски знаменца, развиорени знамиња, звучни навивачки помагала, тапани, расфрлени конфети и други навивачки реквизити, но и пеколна навивачка атмосвера, која “КУМАНИ“ ја приредуваат од натпревар во натпревар, од сезона во сезона. Сето тоа допринесува во седоната 1998 / 1999год. Спортската редакција на телевизија “СИТЕЛ“ навивачката група “КУМАНИ“ да ја прогласи за убедливо најдобра во Македонија и на Ивица водачот на групата пред натпреварот на репрезентациите на Македонија и Унгарија, да му предаде Пехар. Времињата се менуваат, но спортските настани без “КУМАНИ“ никогаш не би биле истите. Би биле осиромашени и недоречени. Беа во “Соколана“, ке ги сретнете на “Градскиот стадион“ или пак во “Спортската сала“ и секаде онаму каде што се и спортистите на Куманово. Останувајќи верни на својот слоган “НИКАД НЕМА ДА СИ САМО МОЕ КУМАНОВО!“ веруваме дека ке постојат се додека постои и нашот сакан, убав, горд и нанадминлив град Куманово. ЗАСЕКОГАШ!
За сезоната 2000/2001 новата управа на К.К. Куманово доведува голем број засилувања. Според имињата во тој момент нашиот тим сигурно беше најсилен во Македонија, едноставно кажано тим-репрезентација. Веројатно и не треба посебно да се истанува дека на сите натпревари на домашен терен имаше по 7.000 гледачи. “КУМАНИ“ на секој натпревар приредуваа нешто ново, нов спектакл, нова кореографија, нов пиротехнички шоу.
Кореографиите се посебна приказна. И до ден денешен по скоро 8-9 години никој во Македонија дури не се ниту обидува да направи нешто слично.
Таа сезона навистина беше успешна за групата. Сепак во текот на целата сезона имаше инциденти, казни, суспензија на салата во Куманово и слично. Паричните казни таа сезона се рекордни во историјата на Македонскиот спорт. Сепак кулминацијата дојде до првиот натпревар од финлето на плеј-офот со Годел Работнички. Тогаш и покрај победата на Куманово, навивачите влегоа во теренот но, пред се со намера да ја прослават победата. Меѓутоа ги нападнаа гостинските кошаркари, меѓу кои имаше неколку повредени. Некој тоа како одвај да го чекаше. Нашиот клуб е казнет со пет натпревари забрана играње на свој терен. Своите натпревари како домаќин ги играше во Струмица, кај нашата братска група “АЈДУЦИ“. Таму и покрај големиот број “КУМАНИ“ не можеше ништо да се стори.
Причината беше едноставна . Неколку “наши“ играчи, чие име и презиме го знаеме, бесрамно за релативно мали пари го продадоа решавачкиот натпревар и си заминаа за Скопје. Од тој ден никогаш не стапнаа во Куманово. Покрај кошаркарските натпревари кои беа примарни, таа сезона се следеше и фудбалскиот клуб Куманово, кој тогаш беше последнопласиран во текот на целата сезона. На тие натпревари воглавно се форсираше пиротехника.
Со завршување на оваа од навивачка гледна точка успешна сезона, згаснуваат и се распаѓаат К.К. и Ф.К Куманово. Потоа во Куманово скоро и да немаше никаков спорт. “КУМАНИ“ навиваа на аматерските или попрецизно кажано рекреативни натпревари на КМФ Куманово 1903 во футсал лигата во мал фудбал. Една полусезона фантомски се појави и ракометен клуб Југ -Куманово кој како се појави исто така и го снема. “КУМАНИ“ навиваа и на неговите натпревари.
Пред почетокот на оваа сезона ( 2009/2010 ) на иницијатива на навивачката група “КУМАНИ“ основан е нов кошаркарски клуб кој ќе се натпреварува во втората лига. Во истиот ранг ќе настапува и Р.К. Куманово. Екипите се со многу млади играчи сите потекнуваат од Куманово.
“КУМАНИ“ како и секогаш се тука и ќе се обидат да им помогнат на овие млади спортиски да изборат што подобри резултати, зошто не и пласман во првата лига.


